Автомобилска трагедија на векот, сина гробница за 4.000 возила: Пожарот на бродот “голташе” поршиња, бентли и ауди, изгореа 255 милиони долари “коњски сили” (видео)

0

Најмногу боли „смртта“ на 1.100 „поршиња“ во уништувањето на супертранспортниот брод „Фелисити Ејс“, кој беше зафатен во голем пожар!

Бродот во сопственост на јапонската компанија превезувал нешто помалку од четири илјади автомобили од групацијата „Фолксваген“ пред да избие пожарот во близина на Португалија.

Бидејќи морнарите (среде океанот) не успеале да го изгаснат, на помош била повикана официјалната морнарица на Португалија, која успеала да спаси 22 члена од екипажот на бродот, додека „Фелисити Ејс“ останала да заврши на дното на Атлантикот.

Во моментот на пожарот, бродот се наоѓал на 90 наутички милји југозападно од португалските Азори, се наведува во соопштението на португалската морнарица.

Напуштениот товарен брод полн со луксузни автомобили гори и плови во Атлантскиот Океан, откако пожарот ја натера посадата да побегне. Бродот се запалил во средата во северниот дел на Атлантикот додека превезувал товар од градот Емден во Германија до Дејвисвил на Род Ајленд, вклучувајќи ги и луксузните автомобили „Порше“ и „Фолксваген“, пренесува Си-Ен-Ен.

Откако избувнал пожарот во товарниот простор, кој многу брзо се проширил, целиот екипаж од 22 члена бил принуден да се евакуира. Според Automotive News, бродот превезувал 3.965 возила, од кои потврдено е дека 1.100 се од Порше, 189 од Bentley, а останатите се Volkswagen и Audi. Според некои најави имало 21 примерок од „ламборџини“, но конкретната бројка никогаш не била утврдена.

Причината за пожарот не беше позната во првите денови, но сега извор на GoAuto пишува дека тој бил предизвикан од батериите на електричниот кросовер „Volkswagen ID4“. Сè уште не се познати деталите, освен дека пожарот првично избувнал на околу пет метри под нивото на водата, и дека во овој момент речиси сигурно се уништени речиси сите возила, а вредноста на штетата се проценува на 255 милиони американски долари!

Компанијата Mitsui Lines од Јапонија, која е сопственик на бродот, веќе ангажирала три помали бродови од Гибралтар и Холандија за да ја започнат операцијата за спасување, а целта е да го извлече „Фелисити Ејс“ до саканата локација. Кога конечно ќе стигнат до него, нема да можат да го повлечат во блиската Португалија, бидејќи законите на оваа земја не го дозволуваат тоа, но веројатно до Бахамите или во водите на некоја европска земја.

Иако сигурно нема спас за автомобилите, компанијата сака барем да го спаси скапоцениот брод. Но, се поставува прашањето какви еколошки последици ќе остави пожарот, а која држава ќе биде подготвена да го прифати.

Кога станува збор за „Фолксваген“, автомобилите се осигурени и се сомневаме дека германскиот производител на автомобили ќе претрпи некоја поголема штета по тоа прашање, но во исто време целиот свет сега знае дека батериите во возилата со амблем на еден од групата брендовите не се безбедни.

Оваа ситуација доаѓа во најлош момент за VW, кој во претходните години инвестираше големи суми пари во нови електрични платформи за да ја престигне „Тесла“ и да стане најголем производител на електрични возила или возила на струја.