Од небото паѓаа мртви птици, мистериозен инцидент во Мексико, надзорната камера го сними моментот на ужасот, трупови има низ целиот град (видео)

0

Стотици птици се снимени како паѓаат од небо на тротоарот на градот Куахтемока во северно Мексико.

Причината за нивниот пад, кој заврши кобно за многу птици, останува мистерија, но некои експерти веруваат дека биле нападнати од птица грабливка, која ги принудила да летаат кон земјата. Станува збор за птица кос со жолтата глава и црното тело (Xanthocephalus xanthocephalus) која живее (главно) во Северна и Централна Америка.

На шокантната снимка од безбедносната камера јасно се гледа како јато птици преселници се спуштаат по куќите како облаци од црн чад. Повеќето од птиците успеваат да одлетаат, но на снимката исто така се гледаат и трупови на црни и жолти птици преселници расфрлани по градските улици.

Според локалните медиуми, неразјаснетиот инцидент се случил утрото на 7 февруари. Овие птици имаат тенденција да се размножуваат на север, во САД и Канада, а потоа мигрираат на југ, во Мексико, во текот на зимата.

Според мексиканскиот весник Ел Хералдо де Чивава, кој прв објави за инцидентот, локален ветеринар посочи дека вината за инцидентот може да биде високото ниво на загадување, предизвикано од употребата на огревно дрво и агрохемикалии во областа.

Друга теорија е дека птиците биле погодени од струен удар додека одмарале на далноводите. На социјалните мрежи се шпекулираше дека ужасната ситуација би можела да ја предизвика 5G технологијата.

Но, д-р Ричард Бротон, еколог во Британскиот центар за екологија и хидрологија, рече дека иако не можел да го забележи предаторот на снимката, тој е 99 отсто сигурен дека несреќата ја предизвикала птица грабливка.

– Ова изгледа како грабливец, како јастреб, да брка цело јато. Се гледа дека на почетокот се однесуваат како бран, како нешто да ги брка одозгора – смета Бротон.

Д-р Александар Лис, виш предавач по конзерваторска биологија на Универзитетот Манчестер Метрополитен, се согласува.

-Само според виденото од снимката и без токсиколошки наоди, би рекол дека најверојатна причина за слетувањето на јатото е обид за бегство од птици грабливки. Судирите на птиците со инфраструктура на земја се всушност многу чести, бидејќи птиците во јато не перцепираат што се случува околу нив, туку само го следат летот на првата птица пред нив – заклучил д-р Лис.