Штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ доби трипати поголем буџет за годинава

0

Штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ годинава доби трипати повеќе средства за реализација на годишната програма и активностите на сцените на овој центар и во Народен Театар-Штип. Директорот на НУЦК „Ацо Шопов“, Горан Трајков на денешната прес-конференција истакна дека повискиот буџет е благодарение на сите учесници, кои работеле на апликациите.

-Добивме проекти во вредност од 8.660.000 денари, што е за трипати повеќе од минатата година, кога дојдов на местото за директор. Она што е многу важно да се знае во ова асума од 8.660.000 денари опфаќа инвестиции во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип во вредност од 40.000 евра или во денари е 2.440.000. Што за првпат по 40 години ќе се санираат санитарните чворови, ќе се бојадисува фасадата, ќе поставуваме нови подови, посочи Трајков.

Во овој буџет се обезбедени и средства за набавка на светлосна и тонска опрема. Трајков додаде дека лани буџетот бил над три милиони денари, а наследил долг од над 938.000 денари, кои во рок од десет месеци се исплатени на доверителите.

-Со анулирање на долговите почнуваме и можеме да се посветиме на инвестициите и освежување на Центарот за култура и Народниот Театар-Штип. Поголеми инвестиции се потребни во Центарот, каде што 40 години не се санирани санитарните чворови, ниту пак салите се реконструирани, има мали зафати, но тоа не е доволно за да можат културните производи да се претстават во најдобро светло, појасни Трајков.

Тој се надева дека наредната година ќе се реконструира и салата, да се заменат столчињата во Центарот за култура, како и да се реконструира и концертната сала.