Американската комора го повика Косово да се приклучи на Отворен Балкан

0

– Американската комора во Приштина го повтори својот повик до владата на Косово да се приклучи на иницијативата Отворен Балкан и истовремено го поздрави договорот за имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина постигнат на 18 март во Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението на Комората, таа смета дека договорот ќе отвори можности за економски развој на двете страни, подобрување на размената на стоки и услуги, пренесува Коха.

– Американската комора го повторува својот повик до Владата на Косово да се приклучи на иницијативата на Албанија, Северна Македонија и Србија за заеднички регионален пазар, се вели во соопштението.

Како што е наведено, Вашингтонскиот договор потпишан на 4 септември 2020 година предвидува дека двете страни ќе се приклучат на „Мини Шенген“, што Србија, Албанија и Северна Македонија го најавија во октомври 2019 година и целосно ќе ги искористат предностите од тоа.

Американската комора, исто така, ги повика Белград и Приштина да ги почитуваат претходно преземените обврски за инвестиции во патната и железничката инфраструктура, укажувајќи дека развојот на транспортната инфраструктура ќе овозможи слобода на движење на луѓе и стоки, како и слобода за давање услуги, со што ќе се подобри мобилноста на компаниите и вработените во Отворен Балкан.