Дивоградби во Чаир! Мицкоски: Никој нема да биде заштитен, Министерството за внатрешни работи има право да постапува во овие случаи

Премиерот на земјата, Христијан Мицкоски, изјави на телевизијата Канал 5 дека Владата следи принципиелна политика и дека кога станува збор за кршење на законот, никој нема да биде заштитен.

„Прво на сите, ние како држава не постапуваме во овие случаи. Министерството за внатрешни работи може да постапува само врз основа на пријава и барање од Јавното обвинителство, и тоа е она што го прави. Кога ќе добие барање или пријава од Обвинителството, тогаш постапува. Колку што знам, тоа не е само во Чаир. Министерството за внатрешни работи постапувало или ќе постапува и во други општини врз основа на пријави“, рече премиерот за случајот со дивоградбата во Чаир.

Мицкоски рече дека мора да се бориме против корупцијата и дека корумпиран човек не може да биде и негов соработник.

„Ние следиме принципиелна политика, а граѓаните го знаат ова. И никој нема да биде заштитен – ова го кажав многу пати досега. Кој и да е, што и да е, ако сторил кривично дело. И тука нема дилема. Нашата цел како Влада, првата заедничка точка, е борбата токму против ова – против можната корупција. Секој што има различни амбиции не може да биде мој соработник“, изјави Мицкоски.

Потсетуваме дека градоначалничката на град Скопјe, Данела Арсовска, поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и неколку други вработени во Општината, во која наведува дека во општината се користи фалсификуван протоколарен регистар, во кој се евидентираат барањата за легализација на неовластени градби.

Арсовска беше физички и вербално нападната пред неколку дена во Чаир, додека вршела увид во неколку објекти изградени без дозвола.