Ова се симптомите за низок тестостерон кај мажите

Кај мажите после 30-тата година нивото на тестостерон годишно се намалува за 1-2 отсто, а освен органски причини, причини може да бидат и дебелината, физичката неактивност или претераната активност, алкохолот…

Кај мажите падот на хормоните е постепен, но сепак евидентен, за разлика од наглото опаѓање на естрогенот кај жените за време на менопаузата, велат ендокринолозите. Тие уште сметаат дека повеќе од третина од мажите над 45 години имаат намалено ниво на тестостерон.

Покрај природното намалување со возраста, неговото опаѓање може да биде резултат на болести на хипоталамусот, хипофизата, тестисите, зрачење на тестисите, тумори и инфекции. На ниво на тестостерон влијаат и лекови како што се кортикостероиди, морфин, халоперидол, некои лекови за висок крвен притисок и други, болеста наречена хемохроматоза во која железото се акумулира во телото, вклучително и во хипофизата, а со тоа ја нарушува неговата работа. Има и синдроми како што е Клајнфелтер-ов синдром кај кој мажот има дополнителен Х-хромозом каде што е нарушено и нивото на тестостерон.

Покрај органските причини, причините може да бидат и лошата исхрана, односно дебелината (докажано е дека луѓето со телесна тежина која е за 30 проценти поголема од идеалната имаат пониско ниво на тестостерон), физичка неактивност, но и прекумерна физичка активност и прекумерно консумирање алкохол.

Намалено либидо, импотенција, намалени тестиси, неплодност се само дел од симптомите.

Симптоми на низок тестостерон се:

Бавен раст на брадата

Намалување на мускулната маса

Намалено либидо, импотенција, намалени тестиси, неплодност
Зголемување на градите

Слаба концентрација и депресија

Фрактури поради губење на коскената маса

Испитувањето на причината за ниските концентрации на тестостерон мора да го направи ендокринолог во соработка со уролог, а земањето тестостерон мора да се прави само под надзор на лекар.

Некритичното внесување на тестостерон, кој е многу присутен денес, е многу опасно, бидејќи високото ниво на овој хормон може да доведе до рак на простата, оштетување на срцето и зголемена склоност кон срцев удар, нарушувања на црниот дроб, висок крвен притисок, главоболки и зголемување на веројатноста за појава на тромбоемболија и нарушувања во однесувањето, советуваат ендокринолозите.