Славески: Трите големи банки најавуваат намалување на провизиите за граѓаните и компаниите

Иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на услугите за плаќање почна да ги дава своите први резултати. Порано овој месец, трите најголеми банки и една средно голема банка објавија дека ги намалуваат надоместоците за граѓаните и компаниите, изјави гувернерот Трајко Славески.

Како што рече на прес-конференцијата, ова се очекува и од другите средни и мали банки.

Според Славески, попустите се особено важни за вршење плаќања на клиентите преку интерни банкарски системи, како и преку платни системи каде што плаќањата се вршат меѓу банките во реално време во текот на целиот ден.

„Банките сè повеќе почнуваат да нудат бесплатни плаќања кои се иницираат преку електронско и мобилно банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи. Забележуваме корекција во насока на намалување на износот на надоместоците во една од банките и за подигање готовина на банкарските шалтери, како и за други услуги поврзани со плаќања во готово, копии од документација и издавање фактури“, рече гувернерот.

Тој најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива за промена на законското решение за платната сметка со основни функции, што ќе овозможи нејзино пошироко користење од страна на граѓаните за вршење плаќања во сите банки.