Неколку луѓе се повредени откако „Летечкиот Шкотланѓанец“, историска парна локомотива што ја прославува својата стогодишнина оваа година, учествуваше во судир со друг стар воз во северна Шкотска, соопштија официјални лица.
Националниот железнички музеј објави дека инцидентот се случил вчера на станицата Авејмор во националниот парк Кернгормс, пренесе АП.
По несреќата, две лица се хоспитализирани како мерка на претпазливост, но се верува дека не се здобиле со сериозни повреди. Медицинските екипи на лице место им помогнале на уште три лица, на кои не им требало болничко лекување.
Полицијата соопшти дека истрагата е во тек.
Станицата е седиште на железничката линија која ги носи посетителите на патувања со парен воз во северна Шкотска. Возот, кој често се опишува како најпознатата парна локомотива во светот, требаше да започне со организирање кратки патувања овој викенд како дел од прославата на стогодишнината.
Од „Стрејтспреј Раилвеј“ соопштија дека денеска нема да се организираат патувања и дека е неизвесно дали утре ќе има.
„Летечкиот Шкотланѓанец“ почнал да превезува патници во 1923 година, а своето познато име го добил една година подоцна. Возот ги поврзувал патниците од Лондон до Единбург.
Светската слава ја стекна кога забележа 100 милји на час на специјално пробно возење во 1934 година, со што стана првиот воз во Велика Британија кој ја достигна таа брзина.
Возот бил „пензиониран“ од редовен сообраќај во 1963 година. Оттогаш ги обиколи САД и Австралија и продолжи да превезува патници на специјални тури во Британија додека не беше преземен од Националниот железнички музеј во Јорк. Во последниве години, тој почна да спроведува проект за реставрација вреден повеќе милиони фунти.