Од сабота граѓаните на Грција ќе „дишат слободно“! Се укинува мерката за носење заштитна маска на отворено

Грчката Влада ја прифати препораката на Комисијата на епидемиолози при Министерството за здравство на Грција за укинување на задолжителната маска на отворено и одлуката во сабота ќе стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката ја соопшти министерот за здравство Танос Плеврис, кој рече дека на денешната седница Комисијата предложила да се укине задолжителната употреба на маска на отворено, но, сепак, „останува силна препорака за употреба на маска на отворени простори со гужва, како и за луѓе со фактори на ризик за сериозни болести и невакцинирани лица“.

Додаде дека предлогот е прифатен од Владата, а деталите ќе бидат објаснети во министерската одлука што ќе биде објавена во Службен весник на Грција.

Претходно, во интервју за телевизијата „Скај“, Плеврис рече дека со укинувањето на задолжителното носење  маса на отворено започнува постепеното олабавување на мерките во земјата

-Оценуваме дека до крајот на март ќе бидат укинати поголемиот дел од постоечките рестрикции и ако вака продолжи пандемијата и се потврдат предвидувањата, Велигден и лето ќе бидат многу блиску до нормалата за вакцинираните, рече Плеврис.

Истакна дека сепак, рестрикциите и ограничувањата за невакцинираните ќе останат непроменети.