Случај кој ја тресе Франција, шокантни информации од истрагата- Пол Погба бил уценет и “киднапиран” од брат му за 13.000.000 евра, требало да му направат магија на Мбапе

Клопкото само се одмотува.

Фудбалерот на Јувентус, Пол Погба, им рекол на истражните органи дека неговиот брат бил дел од обид за уцена од 13 милиони евра, јавуваат вечерва француските медиуми.

Случајот привлекува се поголемо внимание откако неговиот брат Матијас објави видео на социјалните мрежи, каде што тој тврди дека работи на разоткривање на важни информации за неговиот брат, Килијан Мбапе и агентот Рафаела Пимента. Недолго потоа, Пол Погба објави официјална изјава во која потврди дека бил предмет на обид за уцена.

Француското обвинителство покрена истрага за можен “обид за уцена од организирана банда”, а Матијас Погба потоа на социјалните мрежи тврдеше дека “медиумите се обидуваат да ги заокружат работите” и дека неговиот брат “ги излажал италијанските власти”.

Сепак, “Франс инфо” вечерва објави нови детали за француската истрага!

Пол Погба, наводно, им рекол на инспекторите од Одредот за организиран криминал дека привремено бил заробен од пријатели од детството и двајца мажи со качулка вооружени со пиштоли. Според неговите зборови, бандата му барала 13 милиони евра и оттогаш неколку пати го заплашувала, вклучително и во тренинг центарот на Јувентус во Торино, каде на полицијата и рекол дека меѓу осомничените го препознал и неговиот брат Матијас Погба.

Помеѓу 25 и 29 март, кога француската репрезентација беше домаќин на Брегот на Слоновата Коска и Јужна Африка на пријателски натпревари, Пол Погба ја искористи можноста да го посети своето семејство во Лања-сур-Марн. Неговите пријатели потоа, наводно, го одвлекле во стан во Париз, каде што го обвиниле дека не им помогнал финансиски откако станал професионален играч. Меѓу нив, двајца вооружени лица побарале 13 милиони евра за “остварени услуги”, тврдејќи дека дискретно го штителе 13 години.

Пол Погба ги увери истражителите дека ги видел своите уценувачи неколку пати, особено во април во Манчестер, а потоа во јули во тренинг центарот на Јувентус во Торино. Во Торино, меѓу луѓето кои ги обвинува дека го заплашувале, го препознал својот брат Матијас со кој има лоши односи. На крајот на краиштата, Пол Погба им се обратил на адвокатите на неговиот клуб кои решиле да ја известат полицијата.

Споменатиот извор понатаму наведува дека фудбалерот на Јувентус на истражителите од Централната управа на правосудната полиција им објаснил дека отсекогаш бил близок со своите другари од детството и дека никогаш не се двоумел да им помогне финансиски кога ќе им биде потребно, се до минатиот јануари кога го избркал пријателот од неговите куќи во Манчестер. Тоа го направил затоа што сфатил дека со кредитната картичка му украл 200.000 евра?!

Истражителите, според медиумите, разбираат дека Килијан Мбапе е поврзан со аферата само преку Пол Погба, кој го спомна фактот дека неговите уценувачи сакале да го дискредитираат и со тоа да извршат дополнителен притисок врз него да ги плати парите, со ширење лажни пораки, вклучително и дека барал од врач од неговиот семеен круг да фрли магија на Килијан Мбапе, што играчот го негираше.