Тренерот на Челзи, Тухел удри по англиските новинари: „Престанете да ме прашувате за војната!“

Германскиот стратег на клупата на Челзи, Томас Тухел, му порача на англиски новинар дека „не е политичар“ за да бара од негово одговори на прашањето околу импликациите од војната во Украина и Роман Абрамович, рускиот сопственик на лондонскиот премиерлигаш.

Абрамович најави во саботата дека има намера да се повлече и да го предаде клубот во рацете на шестмина администратори од клупското хуманитарно здружение, што најверојатно не е во согласност со британските прописи.

Рускиот мултимилијардер го купи Челзи во 2003 година и го претвори во еден од најуспешните англиски клубови.

Откако неколку пати беше прашан на оваа тема, Тухел нервозно го прекина англискиот новинар, обраќајќи му се со зборовите: „Слушај, мораш да престанеш, искрено ти велам. Јас не сум политичар“.

– Морате да престанете да ми го поставувате тоа прашање. Никогаш не сум доживеал војна. Се чувствувам лошо кога зборувам за тоа, бидејќи сум привилегиран и седам тука во мир, рече Тухел.