АБАЗОВИЌ СО ШОКАНТНИ ТВЕРДЕЊА: „Кавачкиот клан е на врвот на Полициската управа“

Црногорскиот премиер во технички мандат, Дритан Абазовиќ, денеска изјави дека му е благодарен на Европол што може да ја отвори целата комуникација и да го докаже она што многупати го научил на директен и индиректен начин, а тоа е, како што тврди, дека организираниот криминал владее со Црна Гора.

-Нашето јавно ветување дека ќе се ослободиме од него се исполнува секој ден – на врвот на Полициската управа е кавачкиот клан – рекол Абазовиќ, а пренесува Вијести.

-Се надевам дека оние кои се на чело на таа организирана криминална група на крајот ќе одговараат – додаде тој за ТВ Нова М и изјави дека е горд на акцијата на СДТ и СЈО.

На прашањето дали чувствува лична одговорност, бидејќи Дејан Кнежевиќ, помошникот директор на Управата за полиција за борба против организираниот криминал, кој беше уапсен вчера, добил благодарница за работата во полицијата, Абазовиќ посочи дека Кнежевиќ ја презел функцијата во март 2021 година:

-И набргу тој изврши опсежна операција за апсење на водачите на кавачкиот клан на чело со Слободан Кашчелан и за тоа доби благодарница – вели Абазовиќ.

Тој додава дека тоа што се случува денеска е започнато тогаш.

-Без разлика дали тоа го направил прикриено или не, мора да сноси одговорност за тоа. Имаме јасна политика – „ниту според баба ниту според вујко“. И тоа е тоа – додаде Абазовиќ.