Австралија претстави нова воена доктрина

Австралија денеска ја претстави ревидираната воена стратегија, чија цел е да се спротивстави на „јакнењето на воените способности на Пекинг и да го ограничи неговото влијание“ во азиско-пацифичкиот регион.

– Денес, за прв пат по 35 години, ја ревидираме мисијата на австралиските одбранбени сили, изјави министерот за одбрана Ричард Марлс, оценувајќи дека сегашната воена доктрина повеќе не одговара.

Новата австралиска воена доктрина се заснова, како што се вели, на одвраќање, на одржување на непријателот на растојание пред да стигне до австралиска територија и на зајакнување на крајбрежната одбрана на земјата, особено на север.

Австралија треба да троши повеќе на одбраната, да произведува сопствено оружје и да развива системи со долг дострел, бидејќи кинеското воено засилување претставува предизвик за регионалната стабилност, се вели во извештајот објавен денеска.

Новиот стратешки документ на Министерството за одбрана го оправдува ваквиот пристап кон зајакнување на воените капацитети на Пекинг, кој се спроведува без транспарентност и без давање гаранции на индо-пацифичкиот регион за стратешките намери на Кина.

– Кинеското нагласување на суверенитет во Јужното Кинеско Море го загрозува светскиот поредок во Индо-Пацификот и негативно влијае врз националните интереси на Австралија, се наведува во документот.

Канбера веќе најави развој на нова флота на подморници на нуклеарен погон.

Сепак, планот за набавка на 450 борбени возила за пешадијата беше ревидиран на 129 такви возила.

Австралиските воени аналитичари со внимание гледаат на военото јакнење на Кина, стравувајќи дека зголемените воени способности на Пекинг всушност ќе ја отсечат Австралија од нејзините трговски партнери и глобалните синџири на снабдување.