Австрискиот претседател Ван дер Белен на средба со Зеленски во Киев

– Претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, денеска имаше средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, јавуваат австриските медиуми.

Украинскиот претседател му се заблагодари на својот колега за хуманитарната помош, но во исто време укажа дека австриската банка Рајфајзен интернешнал дозволила репрограмирање на кредитите на руските војници. Тој побара построги мерки против Русија.

„Покрај хуманитарна помош, Австрија би можела да помогне и во одбраната на Украина од напади со беспилотни летала, како и во отстранувањето на мините, бидејќи украинските граѓани гинат во експлозиите на мините поставени од Русите“, рече Зеленски.

Сепак, Ван дер Белен појасни дека учеството на австриските вооружени сили во отстранувањето мини во воена област е некомпатибилно со неутралноста на Австрија.

Австрискиот претседател му вети на својот колега од Украина дополнителна помош и солидарност. Тој изјави дека украинскиот народ не се штити само себеси, туку и европските вредности. 

„Тоа се заеднички европски вредности, тоа не засега сите нас. Страшната агресивна војна промени сè“, рече австрискиот претседател.

По разговорот со Зеленски, тој изјави дека не гледа перспектива за брз крај на конфликтот. „Не гледам гулаби на мирот на хоризонтот“, рече Ван дер Белен.