Акар: Страните се блиску до продолжување на договорот за жито

Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, изјави дека неодамнешните разговори меѓу Турција, Русија, Украина и Обединетите нации (ОН) биле позитивни, и им помогнале на страните да се придвижат поблиску кон согласност за продолжување на Договорот за пренос на жито преку Црното Море.

Претставници на ОН и замениците министри за одбрана на Турција, Русија и Украина се состанаа во Истанбул на 10-11 мај на преговори за уште едно продолжување на договорот, кој истекува следната недела.

„Според нашите првични информации, средбата во Истанбул била позитивна. Страните се движат кон договор“, изјави Акар на настан во југозападната турска област Мугла, пренесе ТРТ БАЛКАН.

Тој истакна дека има шест комерцијални бродови во украинските пристаништа и дека е постигнат „рамковен договор“ за нивно враќање во Турција.

„Страните се согласија да продолжат со четирилатералните разговори за финализирање на договорот“, додаде тој.

Турскиот министер нагласи дека договорот овозможил да бидат испорачани повеќе од 30 милиони тони жито во земјите кои имаа потреба.

„Што значи тоа? Тоа значи спречување на гладта и одржување на стабилноста“, рече тој.

Туркије, ОН, Русија и Украина минатиот јули потпишаа договор во Истанбул за обнова на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше стопиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.

Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со претставници од трите земји и ОН за да ја надгледува испораката.