Ако одите во Италија, полињата со лалиња мора да ги посетите: Ги има во различни бои

Цвеќињата се едни од најубавите работи кои ни ги носи пролетта.

– Секоја пролет полињата со лалиња се множат, особено во околината на Милано и Торино, нудејќи им на посетителите не само можност да купат цвеќиња туку и сами да ги берат, пишува Анадолу.

Се започна во 2017 година кога холандскиот пар Едвин Куман (45) и неговата сопруга Ницухе Воланос решија да најмат неколку хектари земја и на неа да засадат половина милион луковици на лалиња.

„Почнавме пред седум години и имавме голем успех бидејќи први почнавме во Италија. Станавме познати низ целата земја“, рече Едвин Куман, кој потекнува од семејство на одгледувачи на лалиња.

Тој раскажа дека барал земјиште во близина на Милано бидејќи таму живеат многу луѓе, а и климата е добра. Така почнал.

Над 600.000 лалиња од 400 различни вида растат во неговото поле во Аресе на западната периферија на Милано, а тој гордо ги пoкажува, при што десетици луѓе прават селфи додека берат цвеќиња и ги ставаат во корпите наредени на влезот.

„Секоја година имаме многу посетители. Минатата година имавме над 50.000 луѓе и тоа беше нашиот рекорд. Доаѓаат особено за викенд, но и во текот на неделата ако времето е добро”, рече Куман.

Посетителите, како Олдрин Канои, порано си одат од работа за да дојдат да берат лалиња и да уживаат во сонцето.

„Ова го чекав една година. Овде е навистина прекрасно, особено на ваков сончев ден“, изјави Канои.

Неговата девојка Беатрис Карабели рече дека дошле тука за да поминат убав ден.

За само неколку години полињата со лалиња пораснаа на околу 20, сите следејќи го горе-долу истиот модел што го креира Едвин.

Во Вимодроне, едно од полињата во источниот дел на Милано, се наоѓа дрвена репродукција на ветерница среде редиците лалиња во различни бои.

Станува збор за поле од 300.000 лалиња.

Лалето е род од околу 150 растенија од семејството на лилјани. Подрачјето каде што потекнуваат видовите ги опфаќа југот на Европа, северот на Африка и Азија, односно подрачјата на Анадолија и Иран, а најголем број видови потекнуваат од степите на Казахстан и околината на планините Памир и Хиндукуш.

Специфичноста на лалето е во неговата форма и цвет, од кои расте само по еден на едно стебло. Неговите цветови претежно се големи, а можно е да се најдат во речиси сите бои.