Албанија: Тензии во Собранието поради отсуството на Рама на седницата за интерпелација

Група пратеници од опозициската партија, Демократската партија на Албанија, побараа интерпелација на премиерот Рама, за случајот со поранешниот агент на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, кој моментално е под истрага во САД.

  Седница на Парламентот на Албанија беше проследена со тензии и дебати меѓу пратениците на мнозинството и опозицијата, поради отсуството на премиерот Еди Рама од седницата за негова интерпелација.

Група пратеници од опозициската партија, Демократската партија на Албанија (ПД), побараа интерпелација на премиерот Рама, за случајот со поранешниот агент на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, кој моментално е под истрага во Соединетите Американски Држави. Пратениците од опозицијата го обвинуваат премиерот Рама за поврзаност и корупција со поранешниот агент на ФБИ.

Пратениците од опозицијата се спротивставија на делегирањето на интерпелацијата на државната министерка за односи со Парламентот во Владата на Албанија, Елиса Спиропали, а во некои случаи ја блокираа и говорницата на Парламентот.

Спиропали во своето излагање на седницата рече дека е важно да се зборува вистината во Парламентот и додаде дека обвинувањата на опозицијата против премиерот Рама се за дневна политика.

Пратеникот на ПД, Лучијано Бочи, порача дека премиерот Рама треба итно да дојде на седницата. „Тоа не може да помине само со една интерпелација. Верувам во искреноста на моите колеги, ја знам нивната загриженост. Ние инсистираме предлогот со расправа да започне веднаш во присуство на премиерот“, рече Бочи.

Во меѓувреме, претседателката на Парламентот на Албанија, Линдита Никола, го исклучи од денешната седница пратеникот на ДП, Газменд Барди, откако беше предупредуван поради навредите за време на тензиите во Парламентот.

Во услови на тензии и дебати, Парламентот изгласа неколку предлог-закони. Меѓу нив беа одобрени и Предлог-законот „за ратификација на договорот меѓу Советот на министри на Република Албанија и Владата на Република Полска за соработка во областа на одбраната“ и Предлог-законот „за ратификација на договорот за соработка меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија за „враќање на шверцуваните икони во земјите на нивното потекло“.

– Реакција на Рама –

За случувањата во Парламентот и дебатите за тоа прашање со реакција излезе и премиерот Рама, кој на социјалните мрежи напиша: „Тотална злоупотреба на слободата на говорот, на вистината, на јавноста, во тотален морален, политички изборен очај.“

Рама истакна дека со оваа екстремна клевета постои цел да се манипулира со мислењето, според него, „со случај што го истражува американската правда, кој е изведен на суд и кој нема врска со нас овде“.

Поранешниот агент на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, моментално е под истрага во САД, под обвинение за прикривање приходи, давање лажни изјави и фалсификување документи или податоци. Опозициските пратеници го обвинуваат премиерот Рама за поврзаност со Мекгонигал и бараат објаснување од Рама за тврдењата во различни медиуми за неговите средби со поранешниот агент на ФБИ, дали биле приватни или официјални.