Алегри: Целта на Јуве сезонава е да биде во првата половина на табелата

 – Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, по победата над Салернитана (3:0) синоќа во натпреварот од 21. коло на италијанскиот шампионат, истакна дека тимот треба да освои уште 14 бода за да се спаси од испаѓање.

– Ја гледам реалноста на ситуацијата. Освоивме 41 бод, но имаме само 26, така што ни требаат уште 14 за да стигнеме до 40 и да бидеме безбедни, а потоа ќе видиме до каде сме. Сега мислам дека сме на исто ниво со Монца. Целта е да се влезе во горната половина на табелата, го цитира „Фудбал Италија“ Алегри.

На Јувентус во текот на сезоната му беа одземени 15 бода поради случајот со финансиски нерегуларности и лажно прикажување на суми за трансферите за да издејствува капитална добивка.

Торинскиот тим во моментов се наоѓа на 10. место во Серија А со 26 бодови.