Алибеај повика на обединување на демократите, а одлуката на Апелацискиот суд ја оцени како добар предзнак

 – Вршителот на должноста претседател на опозициската Демократска партија и координатор на пратеничката група,  Енкелејд Алибеај одлуката на Апелацискиот суд, со која логото и печатот на партијата им припаѓа на неговите приврзаници, ја оцени како добар предзнак за демократите.

– Одлуката на Апелациониот суд доаѓа како добар знак за демократите кои повеќе од една  година минуваат низ тежок период. Ова е денот кога сите ние, демократите, мораме да бидеме пообединети од кога било за да се соочиме со режимот на Еди Рама и да ги оставиме на страна кавгите и несогласувањата меѓу нас предизвикани од застарениот менталитет на албанската политика, оцени тој.

Ги покани демократите да ги остават настрана своите незадоволства и да бидат заедно на денот на соочувањето, 14 мај (денот на локалните избори).

– Да излеземе на избори со најдобрите кандидати, кои, не ставаат ничии лични интереси над интересите на демократите. Не е момент на триумф за никого, туку за длабоко размислување, за она што го поминавме и да се соочиме со иднината, што не е лесно, но не и невозможно, констатира Алибеај.

Засега нема реакција на подадената рака на Алибеај од крилото на демократите предводено од Сали Бериша.

Тој претходно обвини дека одлуката на Апелација  била донесена, не синоќа, туку уште пред неколку дена во кабинетот на премиерот Еди Рама и оти “има за цел  уништување на ДП и политичкиот плурализам во земјата”. 

Со добивањето право на користење на логото и печатот демократите на Алибеај ќе може да се регистрираат за учество на изборите, наспроти оние на Бериша кои не фигурираат како политички субјект.