Американскиот амбасадор Хил: Србија е наш партнер, прашање е дали е и Курти

– Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил денеска оцени дека прашање е дали САД можат да сметаат на косовскиот премиер Албин Курти како партнер и додаде дека „не памети толку длабоки поделби меѓу Приштина и Вашингтон“.

Хил во интервју за Гласот на Америка рече дека Србија е конструктивен партнер во процесот на актуелната криза во Косово, но дека се очекува да ги признае косовските документи и да не ја спречува Приштина да се приклучи кон меѓународните организации.

Американскиот амбасадор за ситуацијата на Косово рече дека САД имаат проблем со Курти.

– Ми се чини дека имаме некои многу суштински проблеми со него, дали можеме да сметаме на него како партнер. Но, таа одлука ќе ја препуштам на нашата амбасада во Приштина, рече Хил, додавајќи дека смирувањето на тензиите е од суштинско значење.

Според него, има „деескалација, секако од српска страна, а очекувањата на ЕУ и САД се Косово да направи чекор во таа насока“. Тој оцени дека е важно специјалната полиција да се повлече од општинските згради на северот на Косово, а градоначалниците да ги напуштат тие објекти.

„Малку потешко прашање е дали може да имате нови избори. Од српска страна јасно беше кажано дека е важно формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население (ЗСО), што се уште е проблем за Курти. Затоа што сите други разбираат дека е неопходно“, додаде американскиот амбасадор во Белград.

Хил рече дека САД сметаат на претседателот на Србија Александар Вучиќ како на добар партнер.

– Сметаме на него како на добар партнер, тој и неговата влада се добри партнери во овој процес. И се надеваме дека ќе продолжи. Би сакале тој да направи се што може за да ја деескалира ситуацијата и гледаме дека веќе се имплементира.Тоа е многу позитивно, рече американскиот амбасадор.

Според него, со властите во Србија постои разбирање како да се оди напред, да се прават работите заедно.

– Се надевам дека и народот на Србија ќе разбере дека сакаме да соработуваме многу повеќе политички, економски, на полето на безбедноста… Ние сме многу заинтересирани за подобрување на односите со Србија, барем онолку колку што народот и владата во Србија се заинтересирани за тоа. Чувствуваме дека Србија станува се подобар и подобар партнер за нас, додаде Хил.