Американскиот државен секретар на дипломатска турнеја по Блискиот Исток

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Каиро разговараше со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси за смирување на израелско-палестинските тензии, по што ќе отпатува во Ерусалим и Рамала.

Посетата на Израел, планирана многу порано, доби поинаков тон со избувнувањето на новата спирала на израелско-палестинско насилство што досега меѓународните повици за смирување не успеаја да го запрат.

Египетскиот претседател Ал Сиси, незаменлив учесник во посредувањето во израелско-палестинскиот конфликт, го прими Блинкен во Каиро. Тие разговараа за тековните напори за деескалација на тензиите меѓу Израелците и Палестинците, соопшти портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, нагласувајќи ја важната улога на Каиро во „промовирање на регионалната стабилност“.

Блинкен, по денешната посета на Каиро, ќе отпатува во Израел каде ќе се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху, а потоа и во Западниот Брег на средба со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Блинкен за саудиската телевизија Ал Арабија изјави дека сака да разговара со израелската влада и со лидерите на палестинските власти. – Сакам да слушнам што имаат да кажат луѓето кои се погодени секој ден (од конфликтот), рече Блинкен.

По разговорот со Ал Сиси, Блинкен во Каиро се сретна со шефот на египетската дипломатија Самех Шукри.

Иако САД и Египет се важни дипломатски актери, експертите сметаат дека просторот за маневрирање на американскиот државен секретар е ограничен.