АМЕРИКА ОБВИНУВА: Снимка од судирот со дронот ги разоткри руските лаги! (ВИДЕО)

Снимката од судирот на руски борбен авион и американски дрон над Црното Море пред два дена покажува дека Русија лажела за тоа што се случило, објави Белата куќа.

Соборувањето на беспилотното летало MQ-9 во вторникот е првиот директен американско-руски инцидент од почетокот на војната во Украина, а двете земји меѓусебно се обвинуваат дека е виновна другата.

На видеото се гледа како руски борбен авион Су-27 доаѓа многу блиску до дронот и фрла гориво, маневар за кој американските власти велат дека докажува дека неговата намера била да го оштети американскиот авион.

Русите ги негираат обвинувањата

Видеото завршува по уште еден близок руски маневар кој, според Пентагон, резултирал со судир меѓу авионот и дронот. Видеото завршува со сцената на оштетениот пропелер на беспилотното летало, за кое американската страна вели дека е резултат на судир поради кој дронот станал неуправлив и паднал во длабоко море, пренесува Index.hr.

Русија ги отфрли американските обвинувања и тврди дека двата авиони не дошле во контакт, туку дека дронот паднал по остар маневар. Белата куќа соопшти дека снимката ја побива руската верзија на настаните.

„Јасно е дека ловецот го погоди нашиот дрон“

„Снимката апсолутно ја разоткрива руската лага за тоа што се случило или што велат дека се случило. Кога ќе го погледнете видеото, прилично е јасно дека ловецот го погоди нашето беспилотно летало“, изјави за новинарите портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Инцидентот над меѓународните води е потсетник на ризикот од директен конфликт меѓу САД и Русија околу Украина, која Москва ја нападна пред повеќе од една година, а западните сојузници и помагаат со разузнавачки и воени прашања.