Апсења во Турција поради објави за земјотресот на социјалните мрежи

Турската полиција приведе 37 лица поради нивните објави на социјалните мрежи поврзани со силните земјотреси што во понеделникот опустошија области во Турција и соседна Сирија, јави ДПА.

Уапсените споделувале објави „со цел да внесат страв и паника кај населението“, информира денеска полицијата преку порака на Твитер.

Не е прецизирано за кои објави станува збор.

Неколку веб-страници исто така беа затворени затоа што, на пример, нивните оператори сакаа да ја искористат подготвеноста на луѓето да помогнат и ги измамија донаторите, додаде полицијата.

Многу традиционални медиуми во Турција се под владина контрола, што ги прави социјалните медиуми важен извор за алтернативни информации, иако овие објави честопати е тешко да се проверат, забележува ДПА.

Твитер беше привремено блокиран во Турција во средата, по што опозицијата оцени дека владата се обидува да ги замолчи критиките за нејзиното справување со кризата по земјотресот.