Армијата на Мјанмар го оправдува воздушниот напад во кој загинаа околу 100 луѓе

Армијата на Мјанмар го оправдува вчерашниот воздушен напад во областа Сагаинг при што загинаа околу сто луѓе, меѓу кои и деца, тврдејќи дека собирот бил организиран од бунтовниците.

Портпаролот на Хунта, Зав Мин Тун изјави дека „нападот е извршен со цел да се врати мирот и стабилноста во регионот“. Според него собирот во Сагаинг бил организиран од Владата на национално единство (НУГ), администрација во сенка и Силите за народна одбрана (ПДФ), вооружена група која се спротивставува на хунтата.

За време на свеченото отворање извршивме напад. Убиени се членови на ПДФ. Тие се оние кои се противат на Владата, на народот на земјата, истакна Зав.

Тој додаде дека според информациите од терен, било нападнато складиште со оружјето, што предизвикало експлозија. Додека запрашан за цивилните жртви, Зав истакна дека некои луѓе кои биле принудени да ги поддржат веројатно исто така загинале.

Во 2021 година армијата на Мјанмар по една деценија ја собори цивилната влада предводена од лауреатката на Нобеловата награда за мир Аунг Сан Су Чи.

Некои противници на хунтата зедоа оружје и им се придружија на бунтовниците, припадниците на етничките малцинства, а армијата одговори со воздушни напади и напади со тешко оружје и врз цивилни области.