Бајден повторно ќе се кандидира за можен реванш со Трамп

Претседателот Џо Бајден официјално најави дека ќе влезе во трката за втор мандат во Белата куќа на изборите во 2024 година, одлука која ќе го тестира расположението на Американците дали ќе му дадат шанса на 80 годишниот кандидат на демократите, кој веќе е највозрасниот претседател на САД досега.

Бајден ја најави кандидатурата во стокмено видео кое го објави неговиот изборен тим, во кое изјавува дека негова задача е да ја брани американската демократија.

Видеото започнува со сцени од 6 јануари 2021 години, кога беше извршен упадот во Капитол од страна на поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Кога се кандидирав пред четири години реков дека сме во битка за душата на Америка, и се уште сме. Сега не е време да бидете соучесници. Затоа ќе се тркам за реизбор. Да го завршиме тоа што го почнавме, знам дека можеме“, посочи Бајден.

Бајден ја опиша идеологијата на републиканците како закана за слободата во Америка, ветувајќи дека ќе се бори против напорите да се ограничи женското здравје, кратењето на социјалните бенефиции и забраната на книги, нарекувајќи ги нивните поддржувачи „МАГА екстремисти“.

МАГА е акроним од слоганот „Да ја направиме Америка повторно велика“ (Make America Great Again) на Трамп, кој има големи шанси да му се спротивстави на изборите во ноември 2024 година.

Во реакцијата на Републиканската партија се вели дека „Бајден го изгубил допирот со реалноста“.

„Бајден е толку отсутен што откако создаде криза по криза, мисли дека заслужува уште четири години. Ако гласачите му дозволат на Бајден да ја „заврши работата“, инфлацијата ќе продолжи вртоглаво да расте, стапките на криминал ќе растат, повеќе фентанил ќе се внесува преку нашите порозни граници, ќе продолжи занемарувањето на нашите деца, а американските семејства ќе живеат уште полошо“, се вели во соопштението на Републиканскиот национален комитет.

Највозрасен кој се кандидирал за функцијата

Во првите две години откако Бајден го порази Трамп, доби поддршка од Конгресот за милијарди со кои ја финансираше кризата од пандемијата со Ковид-19, обновата на инфраструктурата и намалување на невработеноста на рекордно ниско ниво од 1969 година, иако се соочи со рекордна инфлација невидена во последните 40 години.

Возраста на Бајден го прави неговиот реизбор историска и ризична коцка за Демократската партија, која се соочува со тежок изборен пат за задржување мнозинство во Сенатот во 2024 година, а веќе го изгуби мнозинството во Претставничкиот дом.

Рејтингот на Бајден „заглави“ на поддршка од 39% според анкетата на Ројтерс/Ипсос објавена на 19 април во која има три главни грижи за неговата возраст кај дел од Американците, до крајот на вториот мандат ќе има 86 години, речиси декада повеќе од просечниот животен век на мажите во САД.

Бајден кој не консумира алкохол и вежба пет пати неделно од докторите беше прогласен за способен за извршување на функцијата на прегледот во февруари. Белата куќа вели дека неговите резултати покажуваат дека е доволно ментално подготвен да се справи со тешкотијата на работата.

Како и во 2020 година повторно ќе се кандидира со Камала Харис за потпретседател. Тој тогаш кампањата ја водеше претежно „виртуелно“ додека беснееше коронавирусот, ветувајќи дека ќе се обиде да ја обедини земјата, да ја обнови економијата и дека подобро ќе се справи со пандемијата.

Со укинување на речиси сите рестрикции во САД, трката во 2024 година ќе биде многу поразлична и повеќе физички исцрпувачка.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН