Бајден се залага за консензус во Израел за плановите за судски реформи

 Американскиот претседател Џо Бајден повика на широк консензус за опсежните промени во судството во Израел, поттикнати од десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кои предизвикаа протести низ целата земја.

Израелскиот Парламент утре би можел да започне со процесот на реформа на судскиот систем, што ќе го зголеми влијанието на власта при изборот на судии, а истовремено ќе ги ослабне овластувањата на Врховниот суд да укинува законите или да одлучува против извршната власт.

Тоа предизвика протести низ целата земја и повици до Владата да ги забави промените и да постигне широк договор за нејзиниот план за судски реформи, кој според анкетите има релативно мала поддршка во сегашната форма.

Како одговор на прашање на Њујорк Тајмс, објавен денеска, Бајден рече: „Генијалноста на американската и израелската демократија е што и двете се засноваат на силни институции, на контрола и баланс, на независно судство… Градењето консензус за фундаментални промени навистина е важно за да се гарантира дека луѓето ќе ги прифатат за да можат да ги поддржат“.

Нетанјаху рече дека промените се неопходни за да се врати рамнотежата меѓу Владата, Кнесетот (израелскиот парламент) и судството.

Критичарите велат дека промените ќе и нанесат смртен удар на израелската демократија со политизирање на судството и поткопување на независноста на судството, што може да ја олесни корупцијата и да ги загрози човековите права и граѓанските слободи.

Над 200.000 луѓе учествуваа на вчерашните протести против реформите во правосудството во Израел, кои се одржаа шеста по ред сабота, јави ДПА. Освен во Тел Авив, протестни акции беа организирани и во Ерусалим, Беер Шева и Хаифа. За утре се планирани повеќе синдикални протести, вклучително и голем митинг пред парламентот во Ерусалим.