Бектеши: Следната недела ќе се носат одлуки за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи

Министерството за економија речиси ги заврши анализите за замрзнување на цените на некои производи, особено тестенините и млечните производи. Одлуките ќе се носат кон крајот на неделата или следната недела, предупреди вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој во темата на денот на телевизија Сител рече дека откако ќе завршат анализите ќе ја известат Владата и посочи дека ќе се анализираат сите производи наведени во одлуката на Владата за замрзнување на комерцијалната маржа.

Во однос на производителите на леб, Бектеши обвини дека токму тие фирми што се појавија на прес-конференцијата во понеделникот, навечер продавале леб по цена од 50 денари, работеле спротивно на законите, не обезбедиле ниту фискални сметки.

„Убеден сум дека како влада, почнувајќи од премиерот, нема да има отстапки. Во однос на тужбата секој има право да тужи, ние сме демократска земја, но немаше притисок, додека не знаат како да избегаат од тоа што го направиле, рече Бектеши и ги повика институциите да ги контролираат „нечесните производители “

Бектеши нагласи дека се додека ова раководство е во Министерството за економија, овие компании нема да можат да имаат средба со нив, бидејќи како што рече „денот кој ја објавиле мерката ја прекршиле работејќи незаконски“.

Министерот предупреди дека ќе се укинат и субвенциите за струја во јавните претпријатија доколку сакаат да ја поскапат водата.

„Ако продолжат да го прават ова, ве предупредувам дека ќе им се укине и субвенционираната струја“, рече Бектеши.