Белата куќа: Над Алјаска соборивме предмет со големина на автомобил, Бајден даде наредба

Објектот летал на височина над 12 километри, а бил соборен од борбен авион

Објектот што летал на „голема височина“ бил соборен над Алјаска, во близина на границата со Канада, објави Белата куќа, а пишува Би-Би-Си.

Портпаролот на националната безбедност Џон Кирби изјави дека објектот бил со големина на мал автомобил и бил соборен над ретко населена област.

Одлуката за соборување на објектот како мерка на претпазливост ја донел претседателот на САД, Џо Бајден.

За разлика од кинескиот шпионски балон кој беше соборен пред неколку дена, природата и потеклото на овој објект и неговата функција се уште не се познати (или откриени).

Кирби открил дека објектот летал на височина над 12 километри и можел да претставува закана за патничките авиони. Тој додаде дека остатоците од овој објект се „многу, многу помали“ отколку што беше случајот со кинескиот балон.

Објектот бил забележан од разузнавачките служби во четвртокот вечерта, рече Кирби, а потоа откри некои детали од операцијата.

– Борбениот авион се приближи до објектот и утврди дека се работи за авион без екипаж, по што претседателот Бајден донесе одлука да го собори, изјави Кирби и потврди дека американскиот борбен авион го соборил објектот.

– Го нарекуваме објект затоа што моментално немаме подобар опис. Не знаеме чиј е, дали е во сопственост на држава, фирма или приватно лице. Немаме ни доволно информации за да ја утврдиме неговата цел. Сепак, очекуваме да собереме шут од објектот бидејќи паднал во нашите територијални води кои во моментов се замрзнати. После тоа ќе знаеме уште малку, изјави Кирби.

Прес-секретарот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер , потврди дека објектот, кој се движел со неодредена брзина, го соборил борбениот авион Ф-22 со проектил, јавува Би-би-си.