Бериша го напуштаат помалите партии, традиционално сојузници во изборите

Помалите политички партии, традиционално сојузници на демократите на Сали Бериша, почнаа да му откажуваат заеднички настап на локалните избори, што ќе се одржат на 14 мај.

Најпрво тоа го направи Дашамир Шехи, лидер на партијата обновена демократија, кој заедно ќе настапи со Партијата на Астрит Патози, а сега и Агрон Дука, од аграрната партија, кој соопшти дека на изборите ќе настапи самостојно како политички субјект.

-Одлучивме самостојно да одиме на избори. Ваквиот наш чекор е поради состојбата со поделеноста внатре во Демократската партија и минималните можности да биде победничка партија, изјави Дука гостувајќи во телевизиска емисија.

Но, Бериша не го дели тоа мислење, па како секогаш вината ја гледа кај друг

  • Речиси секоја политичка сила се обидува да се докаже со обезбедените членови во општинските совети. Така ќе знае секој колку електорат има, вели тој.

Повеќе од сигурно е дека Бериша ќе го напушти и Партијата на Чамите, чиј лидер е Шпетим Идризи, откако на последната седница на законодавниот дом тројцата пратеници од оваа партија ги споија гласовите со владејачкото мнозинство.

Познатиот аналитичар Ергис Мертири смета дека причината е поврзана со тоа што се свесни дека со Демократската партија со Бериша нема иднина.

  • Политичките фактори разбираат дека нема иднина со Бериша. Бериша не може да биде иднината на ДП, од многу причини, поради неговата возраст, неговото минато, политичка истрошеност, неговата фигура која го сведе на најниско ниво што некогаш го имал, поради фактот што донесе конфликт во партијата и поради фактот што тој беше прогласен за нон грата од САД, што е голем товар и нема потреба други да го делат овој товар со него, рече тој.

Според него, Бериша ја земал ПД како заложник и се додека тоа продолжи, тој ќе остане во опозиција.

Инаку, засега единствен сигурен партнер на Бериша е Партијата на слободата на Илир Мета, со кого имаат потпишано договор за заеднички настап на изборите.

Договорено е исто така под логото на партијата на Мета да настапат кандидатите на Бериша, доколку на 3 март судот одлучи логото и печатот да припаднат на крилото што го предводи Енкелејд Алибеј, кој на чело на партијата застана по оставката на Љуљзим Баша.