БЕШЕ НАЈПЛАТЕНИОТ ФУДБАЛЕР ВО НЕГОВАТА ЕРА, И УМРЕ ВО ГОЛЕМА БЕДА: За него е снимен филм со Ричард Бартон

Иван Ивица Бек на пошироката јавност и стана познат преку продукцијата на Драган Бјелогрлиќ “Монтевидео, Бог те видео”.

Најдобриот стрелец на репрезентацијата на Кралството Југославија на Светското првенство во Уругвај во 1930 година, каде тогашната репрезентација го постигна најголемиот успех во историјата со освојувањето на третото место, имаше бурен и трагичен живот.

Иако беше најплатениот играч во својата ера, умре во најголема сиромаштија. По избувнувањето на Втората светска војна како офицер во француското движење на отпорот остана запаметен по својата херојска акција. Врз основа на ова е снимен култниот холивудски мегахит “Во орловото гнездо”, во кој главните улоги ги толкуваа Ричард Бартон и Клинт Иствуд.

Семејството на Иван Бек живеело во Вршац за време на Австро-унгарската империја. Дедо му Лудвиг бил судетски Германец. Неговиот постар син Вили се оженил со Марта, Чехиња, а како експерт за огнено оружје, животот прво го однел во Крагуевац, а потоа во Белград. Во Чубура, каде што се населиле, на 29 октомври 1909 година се родил синот Иван, кого неговата грижлива мајка секогаш го нарекувала Ивица.

Иако има германско-чешко потекло, семејството Бек исклучиво го зборувало српскиот јазик и развило голема љубов кон својата нова татковина Србија. Таткото Вили трагично го заврши својот живот при пробивот кај Кајмакчалан како полковник на топовска батерија во војската на Кралството Србија.

Веќе во 1925 година, на само 16 години, Иван стана член на првиот тим на БСК, еден од најдобрите клубови во земјата во тоа време. За “сините” настапи 50 натпревари и постигна 51 гол. Сепак, тој не беше во можност да постигне значајна фудбалска кариера во земјата. Поради невозвратена љубов на една Шапчанка, во 1928 година заминал во Франција, каде што го покажалал својот голем фудбалски талент. Во 1930 година, тој му го донесе на својот клуб првиот пехар во Купот на Франција постигнувајќи два гола во финалето. Четири години подоцна со истиот клуб беше шампион и уште еднаш го освои пехарот на оваа земја.

Во пресрет на првото Светско првенство во 1930 година, Жил Риме, претседателот на ФИФА, му се обрати на својот пријател д-р Михаил Андрејевиќ со зборовите: “Знам дека ти е тешко да составиш тим за шампионатот. Земете го овој ваш Германец, тој е најдобриот професионалец што го гледам во Франција”.

Ивица Бек за репрезентацијата на Кралството Југославија одигра само седум натпревари, но постигна пет гола и остави длабока трага. Останува евидентирано дека со три гола беше најдобар стрелец на националниот тим на првото Светско првенство.

Наскоро неговата фудбалска кариера, како и многу други, беше прекината со почетокот на Втората светска војна. Авантурист по природа, тој веднаш се приклучил на францускиот отпор. Поточно, тој беше еден од организаторите. Станал командант на одред и се истакнал во бројни акции.

Неговото херојство при освојувањето на тврдината Систерон на француските Алпи на 21 јули 1944 година влезе во легенда. Систерон за време на војната Германците го претворија во затвор, а Бек и неговите другари успеаја да го освојат и да ослободат голем број затвореници.

Многу години подоцна, во 1968 година, врз основа на тој настан е снимен холивудскиот мегахит “Where Eagles Dare” (Во гнездото на орлите), во кој глумат филмските легенди Ричард Бартон и Клинт Иствуд. Добитник е на највисокиот француски орден Легија на честа.

По војната, Ивица Бек се посвети на тренерската кариера, но немаше голем успех. Се движеше од место до место. Кон крајот на животот го отворил бистрото “Тобџија” на морскиот брег. Откако му пропаднал угостителскиот бизнис, станал столар, а потоа и продавач на тезга на пазар.

Починал на 2 јуни 1963 година на 54-годишна возраст од срцев удар, на сред улица во градот Сет. Тој беше погребан на локалните гробишта Ле Пи во Сето и долго време беше заборавен во својата татковина, додека благодарение на Драган Бјелогрлиќ и “Монтевидео” не го запознаа помладите генерации.