Битиќи: Државата поддржува инвестиции и отворање нови работни места

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска ја посети компанијата за производство на душеци „Алмеро“ во Гостивар, која наскоро ќе отвори над триста работни места. Оваа компанија добива поддршка од државата и, како што нагалси Битиќи, тоа дава резултати и придонесува во рамномерниот регионален развој.

– „Алмеро“ е една од многуте компании кои ги поддржуваме и работи во плански регион кој е помалку развиен и е надвор од скопскиот регион. Со ова го поддржуваме и рамномерниот регионален развој. Компаниите како „Алмеро“ се наш домашен производ и квалитет, кој е извезуван на светските пазари и ќе продолжат да се развиваат со партнерската поддршка на Владата, изјави вицепремиерот Битиќи

При посетата на фабриката, вицепремиерот Битиќи имаше разговор со раководството и се запозна со плановите. Тој напомена дека „Алмеро“ континуирано воведува ново ниво на квалитет и модерен дизајн на производи за спиење, душеци, наддушеци, кревети, перници, наменети главно за извоз кон земјите европските и земјите од западен Балкан, Словенија Хрватска, Белгија, Швајцарија

– Оваа компанија покажува агилност во време на кризи и вложува во квалитетот и конкурентноста. Токму поради ова Владата ја поддржува преку договорот за финансиската поддршка на вложувања во делот на мерките за пораст на капиталните инвестиции и приходи и за поддршка на зголемување на конкурентноста, рече Битиќи

Оваа гостиварска компанија добива финансиска поддршка за циклус од пет години (2021-2025), а минатата година добија 30 проценти од инвестицијата, односно околу 70 илјади евра. Лани започна со изградба нов производствен капацитет и објект со површина од 13 илјади квадратни метри. Според плановите, тоа ќе биде можност за отворање нови триста работни места.       

Битиќи нагласи дека увозот на работна сила не е долготрајно решение и државата прави напори да ја подобри состојбата со недостигот на работници, посочувајќи го примерот на компанијата „Алмеро“.

На ваков начин, со отворање на нови работни места, со преквалификација и низ процесот на дуално образование ќе се подобри состојбата со пазарот на трудот и недостигот од работна сила. Долгорочното решение е доквалификација, реквалификација на нашите луѓе кои живеат тука и да се стекнат со нови вештини кои им се потребни на компаниите, подвлече Битиќи.