Битиќи-Џентилони: Северна Македонија е од стратешко значење за ЕУ, дел е од планот за енергетска транзиција на Европа

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во Брисел оствари средба со европскиот комесар за економија, финансии, даноци и царина Паоло Џентилони.

Средбата е реализирана во рамки на престојот на Битиќи во Брисел каде учествува на билатералниот скрининг за Поглавје 9 „Финансиски услуги“, кој започна вчера и Поглавје 28, „Заштита на потрошувачите и јавно здравје“ што ќе започне на 1 март, 2023 година.

Како што соопштија денеска од владината прес=служба, на средбата Битиќи и Џентилони се согласиле дека Европската Комисија важи за силен партнер на Северна Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ. 

Вицепремиерот Битиќи изразил голема благодарност за макрофинансиската поддршка, како и за поддршката на ЕУ поврзана со пребродување на тековната енергетска криза.

Комесарот Џентилони потенцирал дека целиот Западен Балкан е од стратешко значење за Унијата и дека целиот регион е дел од планот за енергетска транзиција на Европа (RePowerEU), кој има цел диверзификација на изворите на енергија и зголемување на капацитетите од обновливи извори на енергија.

Џентилони, се наведува во соопштението, исто така истакнал дека ЕК го поздравува носењето на новиот Закон за органски буџет, како голем реформски чекор за Северна Македонија.

Комесарот Џентилони дал и краток осврт на моменталната состојба во ЕУ, каде според последните зимски проекции во 2023 сепак најверојатно ќе биде избегната рецесија, како и очекувањето дека инфлацискиот притисок полека ќе се намалува.

Вицепремиерот Битиќи ја потенцирал големата важност на праведната енергетска транзиција и се заблагодари за поддршката која Северна Македонија ја има во овој сегмент преку проект на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. 

– Битиќи исто така се осврна на македонската економија која трговски е најизложена кон ЕУ и која во 2022 забележа висока стапка на инфлација најмногу поради зголемените цени на енергенсите, раст на БДП во рамките на проекциите од нешто под 3 проценти и дека за 2023 година очекувањата се реалниот раст да биде 2,9 проценти што е на линија со последните проекции на ММФ и Светска Банка, се посочува во соопштението.

Вицепремиерот Битиќи информирал и дека Северна Македонија со помош на ЕУ, во текот на 2022 со зголемувањето на капацитетот на интерконекторот со Бугарија, како што стои во соопштението, конечно се ослободи од 100 процентна зависност при снабдувањето со гас од Газпром и сега на пазарот има можност да се појавуваат и други добавувачи на гас во Северна Македонија. 

– Кога сме кај енергетиката, Вицепремиерот информира дека поради добрата местоположба во 2022 имавме бум на инвестиции во фотоволтаични централи, а интересот е се поголем и на почетокот од 2023. Вицепремиерот Битиќи истакна дека по примерот на ЕУ каде големите предизвици (пр: енергетска диверзификација) се решаваат заеднички преку соработка, така и регионот на Западен Балкан треба да презема заеднички координирани мерки, создавајќи меѓусебна зависност наспроти зависност од надвор со цел побрзо и полесно да може да ги пребродува кризите, соопштија од владината прес-служба.

Комесарот Џентилони се согласил дека клучот е соработката и дека оваа средба се случува точно навреме преку координирани мерки да може да се работи и на редефинирање на синџирите на снабдување, преку нивно доближување до земјите на ЕУ, а тоа секако е огромен потенцијал за земјите од Западен Балкан. 

Западен Балкан секако останува стратешки партнер на ЕУ и процесот на приближување на производството од далечниот исток секако ќе придонесе за голем дел компании да го префрлат своето производство во земјите од Западен Балкан