Благој Бочварски: “Со законски измени ќе се овозможи забрзана реализација на градби од стратешки интерес“

Дискусијата за урбанистичкото планирање е јасна и предвидува измена со која се додава член со што ќе се овозможи забрзана реализација на градби од стратешки интерес за изградба на државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен итнерес кои се реализираат  како стратешки инвестициски проекти или проекти од стратешко национално значење, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во расправата за предложените измени на Законот за урбанистичко планирање по скратена постапка, кој е дел од пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10.

Министерот се приклучи во попладневното продолжение на собраниската расправа и на пратениците им порача дека сите треба да застанат зад овие проекти бидејќи, како што нагласи, се од особено значење за економијата на државата“.

– Измената на овој член во Законот за урабистичко планирање не се однесува само на еден проект, оваа измена значи дека сите државни патишта железнички пруги, магистрални гасоводи кои ќе бидат регистрирани од страна на државата во идниот период ќе може да се релизираат по оваа постапка која ке биде забрзана постапка, бидејќи се работи за проекти од јавен и стратешки итерес. Пред само неколку дена ја потпишав спогодбата помеѓу Северна Македонија и Европската унија со која што долгогдишното наше барање за Коридорот 8 влезе на мапата на главни европски коридори, тоа е барање и на претходните влади и денеска тоа барање се реалзира со што се потврди заложбата на државата освен Коридорот 10 веќе и коридорт 8 да влезе на мапата на главни коридори со што нашата држава доби исклучително стратешко значење во регионот на Балканскиот полуостров. Сакам да потенцирам дека се работи за забрзани постапки во кои сите институции треба да постапуваат согласно овие процедури, ако ги завршиме порано овие процедури ќе имаме побрзо развивање на економијата, отворање работни места, рече министерот.

Сепак опозицијата остана на ставот дека постојат големи недоследности во постапките и  оти потпишаниот договор освен што ќе го оштетат Буџетот ќе ја загрозат безбедноста на граѓаните.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјаноски рече дека откако Бочварски е поставен на  функцијата министер за транспорт и врски нема завршено ниту еден проект во целост.

-Министер вашата способност ќе биде проучувана со години. Како тоа шест години сте на власт, вие долго време сте на позиција министер за траспорт и врски, а не започнавте и не завршивте ниту еден проект во целост. И за овој проект и за законот за урбанистичко планирање додека зборувате велите дека нема проект, велите дека треба да се направат дополнителни истражувања, испитувања за да се дојде до проект. За какво забрзано градење зборувате, шест години не изградивте 50 километри автопат од Кичево до Охрид и тоа е најголем показател за вашата неспособност, истакна Велјаноски.

Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ се соврна на изборот на надзорот посочувајќи дека доколку се изградат тие автопати некој ќе треба да одговара за безбедноста на луѓето,  бидејќи како што рече „урнати се сите норми за градење и проектирање“.

-Сте предвиделе во законот да може урбанистичките проекти да се изработуваат од фирми со лиценца за проектирање со еден вработен планер. Како вакви фирми ќе испроектираат 110 километри автопат, знаете дека тој еден планер тие километри не може да ги изоди, а не па да ги проектира, рече Аџиоски.

Реплицирајќи министерот истакна дека е важно сите постапки да бидат запазени во целост.

– Автопатот Кичево – Охрид  имаше урбанистички проект, основен проект, одобрение за градба, но клучки немаше, косините беа лоши и на крај дојдовме до ситуација во која се репроектираше 25 проценти од трасата на автопатот, што значи дека најважно од се е да имаме добар проект, ревизија и сите постапки кои треба да се запазени. Теренот и примерите покажуваат дека со стари проекти не може да се изгради автопат во време кое е зацртан како стратешки интерес заради потребите на граѓаните, посочи Бочварски.

Оваа изјава на министерот наиде на бурна реакција кај опозицијата при што потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски мораше да го прекине министерот со цел да упати апел до опозицијата да чека контрареплика.

Опоцијата повторно обвини дека власта покажала неспособност за реализирање на капитални проекти.

Наспроти пратениците од опозицијата, пратеникот од ДУИ Бајрам Кадрија ги поздрави измените  на Законот за урбанистичко планирање и предложи власта да размисли и за посебен закон за Клинички центар, железниците и регионалните депонии.

Со предложените измени се предвидува нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката и спроведувањето на овој урбанистички проект. Со Урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес, се уредува проектниот опфат за изградба на државни патишта и магистрални гасоводи, како и за нивните пропратни содржини (поставување на привремени локации, градби за вршење на подготвителни работи со кои се организира градилиштето за изградба на градбата од стратешки интерес, јами, наоѓалишта и отпадни области имајќи ги предвид достапните проектни, геотехнички, археолошки информации, информациите за животната средина, социјалните и комуналните информации и стандардите за проектирање), а проектниот опфат за изградба на државните патишта е и патен коридор со првични проценети граници за експропријација во кој ќе се врши изградбата на државните патишта со пропратните содржини.

Во процесот на изработка на овој урбанистички проект за градби од стратешки интерес за дефинираниот проектен опфат се изработува ажурирана геодетска подлога, се прибавуваат услови за планирање на просторот и се обезбедуваат податоци и информации за постојна или планирана инфраструктура од надлежните институции со јавни овластувања, по што од страна на изработувачот се доставува до Министерството за транспорт и врски кој утврдува дали проектот е комплетен и доколку истиот не е комплетен доставува известување до изработувачот на проектот за комплетирање на истиот, најдоцна во рок од 30 дена.

Министерството за транспорт и врски го доставува комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес до Владата на Република Северна Македонија која донесува одлука со која го одобрува или не го одобрува урбанистичкиот проект, во зависност од прибавените податоци и информации и мислењето од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план.

Агенцијата за катастар на недвижности, пак, по службена должност врши прибележување во катастарот на недвижности дека во тек е градба од стратешки интерес и со тоа постапката за урбанистичкиот проект се завршува.

Спроведувањето на овој одобрен урбанистички проект за градби од стратешки интерес се врши согласно Законот за експропријација и Законот за градење односно се става во владение трасата на утврдениот патен коридор се до негова конечна изградба и употреба.  Разликата од стандардната процедура за урбанистички проект во однос на овој урбанистички проект за градби од стратешки интерес е тоа што роковите за прибавување на потребната документација за негова изработка се многу пократки со што би се овозможило негова брза реализација на терен.

Како што најави потпретседателот на Собранието Мисовски, расправата по предложените измени на Законот треба да продолжи утре во 15 часот.