Блинкен: Владата на Косово да ги повлече полициските сили, Владата на Србија да ја намали борбената готовност на армијата

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека е неопходно Косово и Србија повторно да се посветат на дијалогот што го води ЕУ, за да се нормализираат односите, јави дописникот на МИА од Белград.

Според соопштението на Стејт департментот, Блинкен ги повикал двете страни да преземат итни мерки за деескалација на тензиите.

– САД го осудуваат вчерашното неприфатливо насилство врз трупите на КФОР предводени од НАТО, органите на редот и новинарите, рече Блинкен.

Тој додаде дека одлуката на Владата на Косово да присили пристап до општинските згради е остра и непотребно ги зголемува тензиите.

– Премиерот Курти и неговата влада треба да се погрижат избраните градоначалници да ги извршуваат своите привремени должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и да ги повлечат полициските сили. Истовремено, претседателот Вучиќ и Владата на Србија мора да го намалат безбедносниот статус на војската на Србија и да апелираат до косовските Срби да престанат да го предизвикуваат КФОР и да се воздржат од натамошно насилство, порача Блинкен.