Борел се надева дека Украина наскоро ќе добие воени авиони Ф-16

Добро е што земјите од Г-7 конечно решија да и достават на Украина борбени авиони Ф-16. Веќе започна обуката на пилотите, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пред почетокот на денешниот состанок на европските министри за надворешни работи во Брисел. Се надевам дека наскоро ќе почнат испораките на борбени авиони за Киев, додаде тој, јави БТА.

Борел најави дека на денешната средба ќе се разговара за предлози за нови санкции против Русија поради нападот на Украина. Според него, не само Унгарија има забелешки и единствен начин да се постигне договор е преку разговори.

Прашањето за санкциите засега повеќе се однесува на обидите за нивно заобиколување. Ќе разговараме како да го зголемиме ефектот на санкциите, бидејќи засега тие се заобиколуваат. Ќе разговараме и за одлуката на Г-7 за нов вид санкции против Москва, објасни Борел. Според него, на денешната средба ќе се разговара за обезбедување дополнителна воена помош за Киев.

Борел најави дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе одобрат нови санкции против Иран поради кршење на човековите права. Тој истакна дека неодамна иранските власти уште еднаш изведоа смртни казни против учесниците во протестите во земјата.