Брнс: Путин е уверен дека ќе победи во војната исцрпувајќи ја Украина

 Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Брнс денеска оцени дека рускиот претседател Владимир Путин, соочен со тешкотиите на неговата армија во Украина, знае дека засега не може да ја добие војната, но е уверен дека ќе ја извојува конечната победа.

„Путин, според мене, денес мисли дека не може да победи веднаш, но не може себеси да си дозволи пораз“, изјави Брнс за американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес (CBS).

Според него, Путин е целосно одлучен и премногу самоуверен во својата способност „да ја „исцрпи Украина“.

И наместо да размислува за излез, рускиот претседател „истрајува“, рече Брнс, кој некогаш беше американски амбасадор во Москва.

Во истото интервју, Брнс изрази загриженост за растечката воена соработка меѓу Москва и Техеран. Според него, Русија размислува да му помогне на Иран во ракетната програма и да го снабдува со борбени авиони.

Тој додаде дека оваа воена соработка се забрзува бидејќи Иранците веќе им испорачаа на Русите дронови кои биле користени во војната во Украина.