Бројот на загинати во земјотресот во Турција надмина 40.000

 Турската управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека бројот на загинати во минатонеделниот разорен земјотрес во јужна Турција се искачи на 40.642.

Во прелиминарниот извештај од вчера, објавен од министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, е потврдена смртта на 39.672 лица, додека во соседна Сирија животот го загубиле над 5.800 лица.  

Противпожарната служба под урнатините на една од куќите во Турција, во провинцијата Газиантеп, пронашла торба со речиси два милиони долари и ја предала на полицијата, јавува агенцијата Anadolu. Доколку не се најдат сопствениците на парите, тие ќе одат во државната каса.

 „Нашите луѓе прво одат да спасат животи, а потоа ги изнесуваат и работите на луѓето што беа погодени од земјотресот“, изјави за Анадолу шефот на противпожарната бригада во Газиантеп, Чафер Џилмаз.

 Претходно руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека руските спасувачи пронашле 150.000 долари пари под урнатините на една од зградите, додека парите се предадени на полицијата.