Велика Британија: Иран повторно ја снабдува Русија со дронови

Британското Министерство за одбрана денеска соопшти дека има информации дека Иран испратил дополнително количество беспилотни летала во Русија, кои ги користи за напад на Украина.

Британското министерство на својот Твитер профил објави наводи дека Иран испратил дронови-камикази Шахид во Москва.

Во соопштението на министерството се вели дека од почетокот на овој месец Русија лансирала најмалку 71 ирански беспилотно летало врз цели во Украина.

Во објавата, базирана на разузнавачки податоци, се дополнува дека Москва ги обновила нападите со ирански беспилотни летала по паузата која траела околу две недели.

Британското Министерство ги толкува овие податоци како знак дека најверојатно од Иран во Русија биле испорачани помал број нови дронови.