Велика Британија ќе испрати стотици нови беспилотни летала за напад со долг опсег во Украина

– Британската Влада објави дека ќе ѝ обезбеди на Украина стотици нови беспилотни летала за напад со долг опсег, способни да достигнат над 200 километри (124 милји).

Оваа најава се случи откако украинскиот претседател Владимир Зеленски беше во ненадејна посета на Лондон за да одржи „суштински преговори“ со британскиот премиер Риши Сунак.

„Ова е клучен момент во отпорот на Украина кон ужасната војна на агресија што тие не ја избраа или не ја испровоцираа“, рече Сунак во изјавата.

„Ним им треба постојана поддршка од меѓународната заедница за да се одбранат од налетот на немилосрдни и неселективни напади кои се нивна секојдневна реалност повеќе од една година“, подвлече тој.

Сунак, исто така, рече дека Обединетото Кралство не може да ја напушти Украина, додавајќи дека е во најдобар интерес на сите да го поддржи успехот на Украина и да го спречи наградувањето на „варварството на Путин“.

Во текот на изминатата година, Велика Британија обезбеди обука за 15.000 украински војници за да ја зголеми нивната подготвеност за бојното поле.

Дополнително, земјата во февруари ги откри плановите за нова програма за обука наменета за украинските пилоти, со цел да им помогне во формирањето модерна украинска воздухопловна сила опремена со авиони Ф16 според стандардите на НАТО.

Во текот на претстојниот месец, Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Конференцијата за закрепнување на Украина, чија цел е да се мобилизираат меѓународните инвестиции за да им се помогне на напорите за обнова на Украина.