Велика Британија ќе ја преиспита безбедноста на својот воздушен простор поради соборувањето на кинескиот балон во САД

 Велика Британија ќе ја преиспита безбедноста на сопствениот воздушен простор по упадот на кинескиот набљудувачки балон во американскиот воздушен простор претходно овој месец, изјави денеска министерот за одбрана Бен Валас.

Соединетите Американски Држави го соборија балонот, за кој рекоа дека се користел за шпионажа, а безбедносните сили оттогаш соборија уште три летечки објекти над Северна Америка. Пекинг тврди дека се работи за метеоролошки балон кој излетал од курсот и ги обвинува САД за претерано реагирање.

„Обединетото Кралство и неговите сојузници повторно ќе проценат што значат овие упади во воздушниот простор за нашата безбедност. Овој развој е уште еден показател за влошената слика за глобалната закана“, изјави Валас за британскиот весник Телеграф.

Весникот објави дека ревизијата на безбедноста ќе помогне да се одлучи дали се потребни промени во надзорот на британскиот воздушен простор.

Британскиот државен потсекретар во Министерството за транспорт Ричард Холден во понеделникот за британската телевизија Скај њуз изјави дека е „можно“ кинеските балони веќе да се употребени над Велика Британија.

„Владата е загрижена за тоа што се случува. Кина е непријателска земја и ние мора да бидеме свесни за тоа, како и за начинот на кој таа дејствува и се однесува“, рече тој.