„Веро“ и „Џамбо“ ќе градат објект во Струмица

 Познатите трговски брендови „Веро“ и „Џамбо“ доаѓаат во Струмица. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов денеска му го предаде одобрението за градба на сопственикот на компанијата „Веропулос“, Николаос Веропулос.

Како што објави струмичкиот градоначалник, инвестицијата изнесува три милиони евра, а ќе се реализира во северниот дел од градот во новопланираната станбена зона, покрај магистралниот пат на излезот од Струмица кон Василево.

Во новиот „Веро“ маркет и продавницата „Џамбо“ ќе се вработат 70 лица, а трговскиот објект со супермаркет ќе има современа архитектонска градба и атрактивен облик на површина од 5.000 метри квадратни.

Со 300 маркети брендот „Веро“ е еден од најуспешните продажни синџири во трговијата на мало на Балканот.