Висок претставник на НАТО изјави дека се подготвени за директен конфликт со Русија!?

Адмиралот Роб Бауер, претседател на Воениот комитет на НАТО, во интервју за португалскиот јавен сервис РТП изјави дека Алијансата е подготвена за директен конфликт со Русија.

„Роб Бауер инсистира дека НАТО е подготвен за директен конфликт со Русија и признава дека повторното вооружување е главен приоритет на Алијансата. Тој, исто така, признава дека организацијата го изгубила својот монопол врз воената иницијатива“, објави РТП.

Бауер потсети дека за време на самитот на НАТО во Мадрид минатата година, Алијансата одлучи да формира четири дополнителни мултинационални борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка како одговор на акциите на Русија во Украина.

„Ова е важен сигнал за Русија… Дека сме подготвени ако решат да тргнат против НАТО. Ова е црвена линија. Ако има црвена линија, тогаш Русите се тие кои ги преминуваат нашите граници“, рече Бауер.

Бауер рече дека земјите на НАТО треба да го приспособат цивилното индустриско производство на потребите на војската и изрази поддршка за идејата за „воена економија во мир“. Тој додаде дека верува оти стратешките цели на Русија ја надминуваат Украина, а Москва сака да има претензии за територијата на поранешниот Советски Сојуз.

На прашањето дали НАТО се плаши од ескалација во руско-украинската војна, Бауер рече дека иако почетокот на руската агресија е ескалација, желбата на Украина да ги врати териториите што со право и припаѓаат не е ескалација.

„Ако [Русите] ја прекинат војната денес, нема да има ескалација“, нагласи Бауер.

Роб Бауер на 19 јануари изјави дека Русија ќе остане закана за НАТО дури и ако нејзините сили бидат поразени во Украина.