Во Албанија и во јануари благ пад на инфлацијата

– Трет месец по ред нивото на инфлација во Албанија бележи благо опаѓање.

Според податоците на државниот Институт за статистка, ИНСТАТ, нивото на инфлација, минатиот месец изнесувала 7,1 отсто, следејќи го трендот на намалување, од 7,4 отсто колку што беше во декември, односно 7,9 во ноември.

-Текот на овој показател се чини дека е диктиран од состојбата во еврозоната, каде што инфлацијата бележи надолен тренд, бидејќи добар дел од инфлацијата во земјава е увезена. Но, иако минатиот месец поскапувањето беше побавно, сепак храната и понатаму е значително скапа и растот за оваа група овој период изнесуваше 4,6 отсто, јави Топ чанел.

Во оваа група најскапи се млечните производи, мастите и лебот, кои бележат двоцифрен пораст на цените, додека цените на горивата забележале стабилизирање на меѓународниот, што се одразил и на албанскиот пазар.

-Нафтата бележи постепен пад на цената. За првпат од март минатата година, пред неколку дена се спушти на 190 лека за литар, што е речиси приближна цена со онаа пред руско-украинската војна. Заедно со храната, тие ја сочинуваат главната тежина на влијанието врз растот на инфлацијата и трошоците на Албанците, при што за двете групи граѓаните трошат речиси половина од семејните буџети, додава телевизијата.

Сепак, цените се зголемуваат за други категории како што се станарина, опремување на домовите или за групи како што се барови и ресторани, како и за други стоки и услуги.

И покрај трендот на намалување, инфлацијата и понатаму останува висока, над двапати од целта на Централна банка, која предвидуваше 3 отсто, а која пак очекува да се врати во нормала во првата половина на 2024 година.

Инфлацијата во Албанија лани достигна рекордни нивоа и во октомври достигна 8,3 отсто, највисока во последните две децении, но, сепак таа беше најниска споредено со земјите во регионот.