Во Германија – Третиот човек во светот излечен од ХИВ

Во Германија, 53-годишен маж бил излечен од ХИВ со трансплантација на матични клетки и тој е трет човек во светот што е излечен од инфекција со овој вирус.

На човекот од Диселдорф му е направена трансплантација пред десет години, а четири години не користел лекови (антиретровирусни и супресивни лекови).

Како и во случајот со другите две лица за кои се тврди дека се излечени од ХИВ (едното од Берлин, а другото од Лондон), на мажот од Диселдорф му била извршена трансплантација за лекување на болест на крвта, во неговиот случај тоа е леукемија која се развивала со ХИВ инфекцијата.

„Сè уште добро се сеќавам на реченицата на матичниот лекар: ‘Немојте да го доживувате тоа толку тешко. Заедно ќе доживееме дека ХИВ може да се излечи’. Тогаш ја отфрлив таа изјава како алиби. Денес сум уште погорд на светскиот тим на лекари кои успеаја истовремено да излечат ХИВ и леукемија“, истакна тој.

Тој изјави дека на овогодинешниот Ден на вљубените прославил 10 години од трансплантацијата и дека донаторот на коскената срцевина му бил почесен гостин.

Истражувачите веруваат дека успешното лекување е резултат на темелна научна и терапевтска подготовка и надзор. Трансплантацијата ги уништува нездравите крвни зрнца и ги заменува со здрави од крвта или коскената срцевина.

Од Универзитетската болница во Диселдорф се надеваат дека сознанијата што ги стекнале ќе бидат корисни за продолжување на истражувањето за ХИВ, пренесува Sky News.