Во двата најголеми региони во Италија се одржуваат избори

Тринаесет милиони Италијанци денеска и утре се повикани на гласање во двата најголеми региони, а овие покраински избори се сметаат за тест за екстремно десничарската влада формирана пред три месеци од премиерката Џорџа Мелони.

Двата најнаселени региони на Апенинскиот Полуостров, Ломбардија со центар во Милано и Лацио, каде е и италијанскиот главен град е Рим, избираат претседатели и влади на провинциите.

Гласачките места денеска ќе останат отворени до 23 часот, а утре ќе може да се гласа од 7 до 15 часот. Резултатите се очекуваат утре, по затворањето на гласачките места.

Важен показател за овие избори ќе биде резултатот постигнат поединечно од партиите на владејачката коалиција: Браќа на Италија (ФДИ), на премиерката Мелони, потоа Лига, антиимигрантската партија предводена од Матео Салвини и Форца Италија (ФИ), партијата на поранешниот премиер Силвио Берлускони. Тие индивидуални резултати би можеле да се одразат во односите меѓу коалициските партнери.