Во Кавадарци изложба за реупотреба на стар мебел и текстил

 „Реупотреба на стар мебел и текстил” е насловена изложбата што денеска ќе биде отворена во Музеј галерија Кавадарци. Изложбата е завршен настан од проектот  „Намалување на отпад од мебел, дрвен отпад и текстил преку негова реупотреба и зголемување на социјалната вклученост во општина Кавадарци“, што во изминатиот период беше реализиран од  Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко – живот”, во соработка со средното општинско земјоделско шумарско училиште “Ѓорче Пeтров”, општината Кавадарци и јавното претпријатие „Комуналец”.

Проектот е финансиран од програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, здружението “Еко-Живот“, училиштето  “Ѓорче Пeтров” и локалната самоуправа Кавадарци. 

– Генералната цел на проектот е намалување на отпадот од мебел и текстил на депониите и јавните површини и негативното влијание на овој отпад по животната средина во општината Кавадарци, вели Роберто Паризов, претседател на „Еко – живот”. 

Тој нагласува дека со проектот беше набавена опрема и во два циклуса на обуки беа обучени лица да поправаат и крерираат мебел, како и да изработуваат декорации за мебел и декорации за во домот, од стар текстил, а имаше и инфо денови со повеќе од 200 ученици од основни и средни училишта. 

Главен и одговорен уредник на изложбата е виш кустос Томе Крстевски, директор на Музејот, а куратори се  кустос Билјана Галабова и виш кустос Трајче Цветков.