Во Мексико уапсен лекар обвинет за ширење менингитис

 Мексиканската полиција приведе лекар обвинет за употреба на контаминирани лекови кои можеби предизвикале мистериозна епидемија на менингитис во државата Дуранго, откако болеста усмрти најмалку 35 жени во последните месеци.

Уште 79 лица се хоспитализирани со знаци на инфекција.

Полицијата уапси доктор специјализиран за анестезиологија во вторникот рано наутро под обвинение за нелегални активности, вклучително и повторна употреба на лекови во приватните болници каде што работел. Целосното име на докторот не е објавено.

Менингитисот обично е поврзан со болно воспаление на мозокот и ‘рбетниот мозок, често предизвикано од вирус или во некои случаи од бактериска или габична инфекција.

Засегнатите пациенти во Дуранго најверојатно се заразиле со габичен менингитис додека биле подложени на процедури во истите болници каде што работел докторот, се вели во изјавата на државниот обвинител на Дуранго, Соња Гарза.

„Овој специјалист вршеше процедури без ограничувања“, рече Гарза, додавајќи дека носи свои лекови за пациентите, вклучително и нелегални лекови.

Гарза додаде дека притворениот лекарот е единствениот лекар кој вршел процедури во четири болници каде биле забележани инфекциите.

Таа исто така додаде дека тој негирал дека користел сопствени лекови за време на сослушувањето пред обвинителите.