Во наредните денови Европската комисија официјално ќе побара Бугарија да предложи нов бугарски еврокомесар

– Во наредните денови Европската комисија официјално ќе побара Бугарија да номинира нов бугарски еврокомесар, соопшти прес-службата на Владата во Софија, по телефонскиот разговор меѓу премиерот Николај Денков и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Бугарскиот премиер и се заблагодарил на Урсула фон дер Лајен за честитките за изборот на новата влада. Таа беше првата странска политичарка која со објава на Твитер нему и на вицепремиерката Марија Габриел им посака успех во исполнувањето на новите обврски во бугарската политика, пишува БТА.

Во разговорот, Денков накратко ги презентирал приоритетите на новиот кабинет – подготовката на буџетите за оваа и наредната година, прифаќање на Бугарија во Шенген зоната и еврозоната, како и сите законски измени и реформи поврзани со Националниот план за закрепнување и одржливост. Претседателката на ЕК ја истакнала важноста од заштита на надворешните граници на Европската Унија и потврди дека Бугарија ќе добие 45 милиони евра за зајакнување на граничната стража.

Денков и Фон дер Лајен планираат средба, која најверојатно ќе се одржи во Брисел пред редовниот состанок на Европскиот совет, закажан за 29 и 30 јуни годинава.

Марија Габриел, која сега е вицепремиер и министер за надворешни работи на Бугарија, поднесе оставка на функцијата еврокомесар откако беше предложена од ГЕРБ-СДС за премиер. На 22 мај му го врати на претседателот Румен Радев неисполнетиот прв истражувачки мандат за формирање влада. Таа и кандидатот за премиер од „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) Николај Денков дадоа заедничка изјава во парламентот, во која Денков објави дека договориле влада на 18 месеци со ротирачки премиер.