Во пехчевското село Црник реализирана хуманитарна акција за Турција и Сирија

– Во пехчевското село Црник каде живее главно население од турска националност реализирана е хуманитарна акција за помош за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.

Акцијата ја организираа претставници на џамискиот одбор од селото Црник, од каде информираа дека собраните средства се веќе уплатени на наменската сметка за помош на настраданото население.

-Во нашето село беа собирани финансиски средства за нашите браќа и сестри кои настрадаа од силниот земјотрес во Турција и Сирија. Сакаме сите да ве известиме дека оваа работа беше успешно завршена од ученички од Подрачното основно училиште ,,Ванчо Китанов” од с.Црник. Беа собрани 66.960 денари, од кои жителите на село Црник донираа 50.560 денари и 16.400 денари беа собрани од џемаатот и верниците кои одат во нашата Џамија во селото, информираа од џамискиот одбор од Црник.

Собраните средства од жителите, како што посочија, се уплатени на донаторската сметка на Халк Банка, а парите од верниците се уплатени на донаторската сметка на Исламската верска заедница.

-Освен парични средства во рамки на акцијата собирани се и други прехранбени производи, средства за хигиена, облека, ќебиња и се што е потребно за нашите браќа и сестри. Нашето село секогаш било хумано и овој пат сите сложно и сплотено смогнавме сили да помогнеме и донираме. Собраните производи ќе бидат доставени во нашата џамија, а потоа ќе бидат однесени во некои од хуманитарните пунктови, додадоа од џамискиот одбор во село Црник.