Во црквата ‘Свети Спас’ во Скопје одбележани 120 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев

Со панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со положување цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ од страна на бројни делегации и граѓани, денеска се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. 

Цвеќе на неговото вечно почивалиште положија претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бројни други делегации.

На чествувањето оваа година не пристигнаше официјална делегација од Софија. На 27. април годинава, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, кажа дека не е постигнат договор со Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4. мај, иако имало такви договори и практики во претходните години. 

Исто така, во Собранието денеска напладне ќе биде доделена наградата „Гоце Делчев“ за 2023 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката.

Според Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, годинашни добитници на престижната државна награда се проф. д-р. Нано Ружин за делото „Балкански иконографии“, проф. д-р. Трифче Сандев и д-р. Александар Иомин за делото „Специјални функции на фракционо сметање: Апликации на дифузија и случајно пребарување“ и д-р. Александар Василевски за делото „Поствизантиски претстави на Страшниот суд од Република Северна Македонија – идејна основа, ликовни извори и иконографска анализа“.

Истовремено, во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 120 години од неговата смрт, на Факултетот за образовни науки при УниверзитетГоце ДелчевШтип ќе биде отворено историско катче во рамки на факултетот.

Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, МВР од вчера воведе посебен сообраќан режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“. 

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4. февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница,  до 1917 година,  кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11. октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје